Планинарење
Планинарењето претставува релаксација од психичките
напори што човекот ги доживува во својот живот.
Планинарење
Планинарењето претставува релаксација од психичките напори што човекот ги доживува на работното место и градските бучави предизвикани со брзото темпо на животот. Да се занимава со планинарење, значи да се запознаат убавините на татковината, да се збогатуваат чувствата. Тоа бара од човекот и одредени напори, кои не претставуваат опасност за организмот ако се во разумни граници.
Излетниците се движат по планинарски патеки кои обично се обележани (обележани) и означени со патокази. Пожелно е излетниците да ги познаваат основите на планинарството, особено ориентирањето, правилниот начин на исхрана, ноќевање под ведро небо, опасностите во планина, прва помош и др., бидејќи тоа ќе им овозможи да се чувствуваат подобро и посигурно и да ги избегнат евентуалните опасности.
Да се планинари по високи и непознати планини, може само искусен планинар кој добро ја познава ориентацијата, опасностите, планинарските објекти, прва помош, опремата, скијање, како и основите на алпинизмот и спасувањето во планина. Оние кои немаат искуство а сакаат да одат во непознати и високи планини, треба да го користат искуството на постарите планинари т.н. планинарски водичи.
Да се планинари може на повеќе начини. Тоа може да биде планинарење во поблиската околина, како рекреација и без поголеми амбиции, односно уште како се вика излетничо планинарење. Излетничкото планинарење не бара големи подготовки и е достапно за секој човек и секоја возраст. Тоа се излети во близина на градот, обично некои излетнички места каде што постојат прифатилишта, одморалишта или хотели. Овој начин на планинарење не бара некои искуства. Важни се само облеката и обувките кои треба да овозможуваат слободни движења.
Повисок степен на планинарење е посетувањето на планините со одредена подготовка и по некој систем. Тоа е планинарење во права смисла на зборот. Таква активност покажуваат луѓето кои не се задоволуваат со блискта околина, туку систематски или повремено ги посетуваат планините, почнувајќи од питомите шумовити предели.